Гора, Косово

На гости кај Македонците со исламска религија во Гора, Косово

Моето вообичаено патешествие низ селата во Македонија овој пат го заменив со малку и за мене чудно, ново патешествие исто така низ селата но, не во Македонија туку во регионот Гора, кој се распостила на територијата на две соседни држави на Македонија - Албанија и Косово, каде што живеат нашинци, Македонци, надалеку попознати како Горанци. Овој пат решив да ги посетам нашинците во областа Гора во соседно Косово, решив да ги посетам осумнаесетината села распослани во пазувите на Шара. Една од причините за кое се одлучив да бидам меѓу нашинците во овој дел на Гора беше и поканата од страна на Сојузот на Македонците со исламска религија да бидам гостин  на четвртиот ревијален македонски фолклорен фестивал „Гора фест 2013“, кој од пред три години редовно се одржува за Ѓурѓовден во селото Брод.

Овој пат, заедно со мене, освен мојот постојан сопатник, снимателот и фотограф Лука Суша, беше и Зоран Петровски-Буци исто така снимател и фотограф, затоа што за вакво патешествие неопходно беше да се засили тимот. А, пак водич ми беше господинот Исмаил Бојда, претседател на сојузот на Македонците со исламска религија.

 Стојан Крајанов - Амбасадор на Р.Македонија во Р.Косово  Исмаил Бојда - Претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија
Ана-Марија Димовска - Р.Македонија Асан Нушка - естраден уметник село Растелица, Гора, Косово
Флоренс Садику - Македонско друштво "Илинден" Р.Албанија Хакија Мандрак - естраден уметник село Брод, Гора, Р.Косово
КУД "Кривогаштани", Р.Македонија Пејачка група Ансамбл - Македонија, Р.Македонија
Село Брод, Р.Косово Ристана Николова - естраден уметник од Македонија

Како вообичаено и овој пат мошне рано тргнавме на пат, навистина мошне рано. Причина за тоа беа недоизградените планински патишта кои водат преку шарпланинскиот масив кон Гора, поради кои моравме да одиме по заобиколен пат, иако од главниот град на Македонија, областа Гора не е многу далеку, на стотина километри северно од Скопје, а на само дваесетина километри од Тетово. Затоа, за да дојдеме до оваа област, моравме да поминеме по заобиколниот пат кој води преку граничниот премин Блаце-Генерал Јанковиќ, магистралата Качаник-Призрен – општина Драгаш, до селото Брод. Навистина нема поубава маршрута за човек поодблизу да ја запознае Гора. Како што ги одминувавме првите дваесетина километри по влегувањето во Косово и неколкуте километри по заминувањето од градот Призрен, заедно со мојот водич, господинот Исмаил Бојда полека навлегувавме во се поубавиот пејзаж кого го создала природата низ планинската убавица Шара, чија област не попусто го носи името Гора. Навистина прекрасна убавина, човек за да го доживее тоа, мора да дојде да го види. По поминати речиси два часа непрекинато возење, застанавме над општината Драгаш некаде на илјада и седумстотини метри надморска височина да одмориме малку, што се вели, да направиме некое кадро за спомен. И додека се одморавме и уживавме во убавината, мојот водич Бојда ми ги покажуваше осумнаесетте села распослани во питомите падини на Шара, вклучувајќи го и општинскиот центар Драгаш. И покрај што ги сликавме панорамите на селата што не опкружуваа, се обидувавме, за полесна ориентација, да ги најдеме на  географската карта што секогаш ја носам со себе. За полесна ориентација започнав да ги обележувам од граничното тромеѓе кое го нарековме Корабска врата, а пред да ги обележам селата кои припаѓаат на косовскиот дел на Гора, мојот водич Бојда ми ги наброја и десетината села од областа Гора кои се наоѓаат во Албанија и двете села во Македонија во кои живеат Горанци.

Во албанскиот дел се наоѓаат селата: Шиштавец, Борје, Орешек, Црнелево, Оргоста, Кошаришта, Запот, Пакишта и Ново Село. Во Македонија, села во кои живеат Горанци се Урвиќ и Јеловјане, додека во Гора на Косово, Општинскиот центар Драгаш, селата Растелица, Горна Рапча, Долна Рапча, Крушево, Диканце, Орќуше, Горни Крстец, Долни Крстец, Млике, Глобочица, Баќка, Зли поток, Љубошта, Радеша, Лештане, Кукаљане, Враништа и се разбира моето родно село Брод. Во овој дел на мојата родна Гора во осумнаесетте села денеска живеат окoлу 20.000 Македонци со исламска религија, ми велеше Бојда.

И откако се одморивме, го продолживме патот за село Брод. И по речиси четири часа од тргнувањето од Скопје стасавме во родното село на мојот водич Бојда, Брод, живописно село распослано на илјада и двеста метри надморска височина, под самиот врв на планинскиот превој Коритник. Селото Брод не наликуваше на  село во вистинска смисла на зборот, ова село наликуваше на многу села  распослани во пазувите на швајцарските Алпи.

Со раскошен западноевропски архитектонски стил, а богами и неговите мештани не се разликуваа по ништо од гостопримливоста и домаќинлакот што ги има и во нашиве македонски села.

Само што пристигнавме и си рековме здравоживо со мештаните, за кратко време како да се споија небото и земјата, ненадејно од зад планината дојде темен облак, загрме, зататни, како да се отворија облаците се истури од пороен дожд, дури и град падна, што е невообичаено за ова време и за вакво планинско место. Арно ама, за кратко се разведри, сонцето повторно огреа. Моите домаќини Броѓани ми велеа овде во селово наше вака секогаш се пречекуваат нашите гости, ама и вака се испраќаат. И штом сонцето повторно огреа, од стрмните улички и сокачиња кон средселото почна да доаѓа река од народ, ги привлекуваше екот на тапанот, писокот на зурлата, гласот бисерен кој излегуваше од младите песнопојци и непрегледното оро кое го виеа младите играорци дојдени од сета Гора, и како да брзаа кој попрв да се фати на оро, а речиси ревијалниот македонски фолкорен фестивал Гора фест 2013 беше започнат и пред официјално да биде отворен. На фестивалот свои песни, покрај  естрадните уметници Асан Нушка од село Растелица, Косово, Хакија Мадрак од село Брод, Косово, Риатана Николова–Рина, Ана Марија Димовска, Благоја Димовски и Славчо Бунтевски, КУД „Кривогаштани“, Ансамбл „Македонија“ од Македонија, Флоренс Садику, претставник на друштвото „Илинден“ од Тирана, испеаја и неброени Горанци. И навистина на сенародниот собир не можевме и ние да му одолееме, па и ние се фативме за непрегледното оро заедно со амбасадорот на Република Македонија во Косово, господинот Стојан Карајанов и го надополнивме екот на песните кои одекнуваа во сета Гора, да чујат сите Горанци..